Atlas Copco Christensen CT14

Сé започнува со неа

► Секоја градба – ниска или висока, мала или голема, скапа или не толку скапа, започнува со претходно испитување на теренот. Без тоа не може ни да се замисли нешто да се гради


Шведскиот индустриски конгломерат Atlas Copco нуди богат асортиман на алати за дупчење и платформи за истражување на тлото од секаков вид. Конструирани се на основа на скоро еден ипол век долгото искуство и проектирани да ги исполнуваат најразличните барања и потреби на купувачите. Поделени се во повеќе семејства: Diamec гарнитурите за дупчење се користат за утврдување на составот на рудите жили, проценување на резервите и испитување на земјиштето. Explorac платформите со реверзибилна циркулација се користат за прибавување примероци од почвата со висок квалитет, а пак дупчалките Christensen за површински green field истражувачки активности и утврдување на составот на тлото или рудата во неа.

Christensen CT14 core drilling rigПостојат и други серии на дупчалки но ние ќе се задржиме на последно наведената која се состои од четири модели. Два од нив се мобилни, поставени на тркала, а два наменети за монтирање на камион. Со оглед на обемот на активностите, помалата од нив со ознака Christensen CT14 е логичен избор за нашите компании. Како и другите производи на Atlas Copco, се карактеризира со едноставната и издржлива конструкција. Лесна е за ракување и одржување заради своите конструктивни решенија, кои и обезбедуваат и оптимални работни карактеристики. Стабилноста за време работата и мобилноста при пренесување од една на друга локација е обезбедена со можноста за поставување на камион, а моќниот систем и издржливото главно витло ефикасно дупчење на секаков вид терен. Секако, внимавано е и на безбедноста во работењето и еколошките параметри кои се обезбедени со наменски решенија и модерен CAT C6.6 Tier 3 мотор со 161 kW и ниска емисија на штетни материи во издувните гасови. Носачот на јарболот кој е преклоплив под агол меѓу 45 и 90 степени е со четири хидраулични нивелатори со од 900 mm кои прават лесно и брзо да се поставува на локацијата за дупчење, каде може да продре и до 1.540 метри длабочина во пазувите на почвата.

Според габаритите е на граница на компактноста – таа со должината од 6,8 метри и ширината од 2,3 метри е задржана на доволно практично ниво за лесна подвижност, во што свое влијание има и тежината од само 9 тони. Работните способности ги гарантираат висината од 10,2 метри и должината на извлекувањето од 6 метри, а пробивната сила максималниот вртежен момент од 5.113 Nm и максималната брзина на вртење од 1.300 вртежи во минута. Регулирањето на брзината и силата на дупчење што ја обезбедува хидрауличниот мотор е мануелно преку четиристепена трансмисија, дигалката остварува потезна сила од 80 kN, сајлата со дебелина од 16 mm е долга 35 метри, должината на хранење е 3,5 mm, а дијаметарот на дупката може да варира меѓу 48 и 122 mm во зависност од алатот. А него Atlas Copco го нуди во широк асортиман – од стандардни шипки, цевки, кошулки и сврдла до дијамантски алати за сите подземни и површински примени во областа на истражувачкото дупчење. Сите тие се со врвна конструкција која овозможува минимизирање на прекините во работата и максимизирање на продуктивноста.

За Christensen CT14 дупчалката ќе кажеме уште дека има резервоар за гориво од 200 литри, хидрауличен систем со притисок од 4,9 MPa и проток од 140 литри во минута, безбедносни прекинувачи кои ги штитат луѓето и опремата од несакани последици, како и дека опционално може да биде опремена со мерач на протокот на вода и хидрауличен алат за пробивање на цврсти капри. За компанијата Atlas Copco пак дека комбинацијата на долго искуство и знаење резултира со моќни алати кои се лесни за употреба и издржливи во работата заради користењето докажани компоненти, така што секогаш претставуваат прв избор на сите на кои работата им е да откријат што сé се крие под нашите нозе.